Велески: Со поддршка од публиката веруваме во изненадување против Бутел

Тимот на Прилеп новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе ја стартува со дуел против Бутел Скопје, кој лани заврши на 5. позиција во плеј-оф фазата во суперлигашкото друштво.

Сепак, двата тимови направија големи промени во играчкиот и стручниот кадар, па така прилепчани се надеваат дека ќе можат со победа да ја започнат новата сезона.

Капитенот на Прилеп, Филип Велески, за 24Ракомет ги сподели своите очекувања за неделниот дуел против скопскиот тим.

,,Ние сме свесни за квалитетот на екипата со која се соочуваме во недела, но тоа е само мотив плус да дадеме сѐ од себе на теренот и да покажеме дека можеме да се надигруваме со посилни екипи. Предност е тоа што играме на домашен терен и со поддршка од публиката веруваме дека можеме да го изненадиме противникот. За секоја екипа е важно сезоната да ја започне со победа. Сепак, не очекува тешка сезона за надигрување. Сметам дека одбраната ќе биде пресудна на дуелот со Бутел Скопје”, изјави Велески.

Искусниот ракометар вели дека атмосферата во тимот е на високо ниво и како капитен на екипата е задоволен од ангажираноста на неговите соиграчи.

,,Атмосферата во клубот е одлична. Новите играчи добро се вклопија и имаме одлична хемија како на тренинзите така и надвор од спортската сала. Ги имаме сите играчи на располагање пред првиот натпревар и сите се подготвени да го дадат максимумот на терен. Чест ми е што оваа сезона сум капитен на тимот и сум презадоволен од она што го покажавме на пријателските дуели, како и на турнирот во Прилеп. Овие момци имаат желба за докажување и играат со срце за клубот. Најважно е тоа што имаме огромна почит и поддршка помеѓу играчите”, заврши Велески.

Дуелот меѓу Прилеп и Бутел Скопје ќе се одигра в недела (10 септември) во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко” со почеток од 19:00 часот.