Вајлупов броеше до 12 против Италија, Белорусија блиску до ЕП

Селекцијата на Белорусија е уште еден чекор поблиску до место на Европското првенство, откако на домашен терен ја совлада Италија со 37-32.

Првите десетина минути се играше гол за гол и гостите во Минск одржуваа рамнотежа. Преку Бохан и Вајлупов, Белорусија поведе со 6-4, па беше и 7-5, но набрзина Италијанците израмнија на 8-8. Повторно следуваше игра гол за гол, а по 13-12, а избраниците на Јури Шевцов во продолжение се одлепија на плус пет, 17-12, а на паузата беше 18-14.

Италија не се предаваше и на средината на второто полувреме успеа да израмни на 28-28. Повторно беше ред на белоруските репрезентативци. Астрашапкин, Јуринок, Кулеш и на два пати Вајлупов беа стрелци на головите за серија од 5-0 и за водство со 33-28. По ова немаше сили и време за камбек на гостите, па мечот заврши со победа на Белорусија 37-32.

Најдобри стрелци во белоруската репрезентација беа Вајлупов со 12 погодоци и Бохан со шест, а кај Италија се истакнаа Скатар и Булзамини со по шест голови. Сега Белорусија се израмни со Норвешка и е многу блиску до ЕП, додека Летонија и Италија ќе се борат за третото место и евентуало до крајот на квалификациите да „украдат“ некој бод од фаворитите.