Ваучерите не стигнаа секаде: Шест прволигаши бараат итна средба со претседателот Мукаетов

Шест машки прволигашки екипи девет дена чекаат на средба со Живко Мукаетов, претседателот на РФМ. Клубовите бараат помош од претседателот околу ваучерите кои годинава не стигнаа на нивната адреса. Во барањето потпишано од екипите на Драчево, Астраион, Делчево Вардар, Текстилец, Борец и Партизан Гевгелија бараат да се најде решение за ситуацијата.

Според предлог листата што ја достави Ракометна федерација на Македонија до Агенцијата за Млади и Спорт, 14 клубови што играа во Првата лига во сезоната 2021/22 имаа право да се пријават за ваучер.
Од нив само 8 добија ваучери, додека преостанатите шест ги нема на листата. Најголем ваучер има за составот на Младост Богданци – 1.400.000 денари

Дел од клубовите што ги контактиравме ни потврдија дека се уште немаат одговор дали и кога ќе имаат средба со претседателот Живко Мукаетов. Слична ситуација имаше и лани, а тогаш заедно со АМС и РФМ беше најдено решение, па сите „заборавени“ клубови добија финансиска помош преку „друга програма“.

Клубовите сега тврдат дека доставиле приговор на на предлог листата што била првично објавена од страна на Комисијата на РФМ, но никогаш не добиле одговор. Иако чесно ги пополниле формуларите, според вистинитите податоци, од Комисијата не била земена предвид фактичката состојба, и биле фавориизрани други клубови чии бодови биле признанени. Од Агенцијата за млади и спорт добиле одговор дека всушност РФМ треба да направи ревизија на предлог листата доколку клубовите имаат забелешка.

Комисијата на РФМ за ваучери, во состав Александар Велковски, Горан Ѓоргоноски, Ратко Мицев и Велимир Мицевски, ја составуваа листата откако сите клубови ги доставија РФМ потребните пополнети обрасци и документи.

На првично објавената листа имаше приговори, по што Комисијата мораше да ги ревидира оценките кај одредени клубови. но таа листа никогаш не беше повторно јавно објавена, иако имаше промени во однос на предлогот и конечниот список.