Василев: Амбициите на Еурофарм Пелистер беа причина да дојдам во Битола

Екипата на Еурофарм Пелистер продолжи со официјалното претставување на новите засилувања за новата натпреварувачка сезона, 2022/23.

Денес, раководството на клубот официјално го претстави кружниот напаѓач, Денис Василев, кој заедно со македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски ќе ја сочинуваат пикерската позиција во битолскиот тим.

Василев со раководството на Еурофарм Пелистер потпиша двегодишен договор.

,,Опцијата да дојдам во Македонија ми ја предложи мојот агент. Ми се допадна идејата, клубот и неговите цели и веднаш се согласив да дојдам во Битола. Добро ги одбработивме подготовките во Маврово, физичкиот дел посебно беше напорен. Групата ракометари добро ме прифати, пријатни луѓе и професионалци. Од моите нови соиграчи ги познавав од претходно Пешевски и Радовиќ, а сум играл и против македонските ракометари во дресот на руската репрезентација”, изјави Василев.

Искусниот ракометар е дете на Динамо Астрахан, го носеше дресот на Чеховски Медведи и ги освои сите трофеи во рускиот ракомет, а потоа една сезона мина и во француски Шартр. Во изминатата  сезона во дресот на Мотор постигна 27 гола во некомплетната групна фаза на Лигата на шампионите за украинскиот првак. Стандарден член е на руската репрезентација, а на Светското првенство во Египет постигна девет погодоци.