Вардар со предност патува за Загреб: СЕХА полуфиналистот ќе се решава во Хрватска

Вардар има резултатска предност од четири голови по првиот четвртфинален дуел против хрватскиот првак ППД Загреб. Избраниците на Веселин Вујовиќ имаа контрола над играта во првото полувреме кое го завршија во своја корист од 14-12. Вториот дел помина во изедначена игра, а Вардарци со звукот на сирената извадија максимум и со четири голови предност 24-20 го завршија дуелот.

Изненадувачки црногорскиот стратег на клупата на „црвено-црните“ мечот го започна со Борко Ристовски. Mакедонски „министер за одбрана“ мораше да замине на клупата по 20 минути игра. Вардарци играа добро во одбраната, но нападот се уште делува конфузно и несигурно. Кудуз блескаше во неколку обиди од далечина, Гаџа се обидуваше да ја размрда хрватската одбрана и најчесто да додаде до пивотите Тото и Стоилов. Разлика во играта на линијата од шест метри се почуствува кога Стоилов влезе во игра во средина на првиот дел. Тото коректно си ја заврши својата работа на воведот на овој дуел, а откако одбраната на Загреб почна да се фокусира на пивотот Вардар загуби неколку клучни топки за зголемување на водството.

Вардарци ја контролираа играта и резултатот од самиот почеток, најчесто во првите триесет минути разликата се движеше околу 2 гола разлика за Вардар, но „црвено-црните“ не успеаа да се одлепат на поголема разлика. Затоа резултатот 14-12 на полувреме е најреалната слика за случувањата на теренот.

Гаџа го донесе Вардар на три гола разлика во воведот на вториот дел, 15-12. Кудуз ја продолжи низата на Вардар (16-12), која ја прекина Иван Чупиќ од линијата за седум метри. Се приближија ракометарите на Загреб на два гола негатива, а Чупиќ во седмиот пенал обид не успеа да го надмудри Томовски, па разликата од три голови се задржа и во средината на второто полувреме.

Кога веќе се навикнавме да го гледаме Иван Чупиќ и на позиција десен бек во дресот на Вардар, Вујовиќ во 50. минута во ротацијата на Вардар се обиде со нешто ново. Во напад го стави Тимур Дибиров како централен бек. Токму таа акција ги врати Вардарци на „плус три“  откако подолг период двете екипи имаа свои шанси за зголемување на водството односно намалување на минимална негатива.

На осум минути до крајот Вардар остана со играч помалку на терен, откако Валчак заработи исклучување. Шипиќ ја намали разликата, но Дибиров на спротивната страна по одлична акција атрактивно заврши и постигна клучен гол за одржување на разликата. Томовски им донесе на вардарци напад за највисоки четири голови позитива, но Моралес ја погоди пречката, а по брза транзиција Загреб погоди од крило за „минус два“ .

На пет минути до крај Чупиќ намали на еден негатива за ППД Загреб, откако додавањето на Дибиров не стигна до Стоилов. Сепак во финишот на дуелот Дибиров беше прецизен од пенал линијата, Загреб зреши во својот напад, а Кудуз шутираше над пречката.

Затоа одлуката за конечниот резултат во Скопје кој многу ќе влијае за конечниот пласман на Ф4 турнирот во Задар се решаваше во завршната минута. Дибиров погоди за „плус три“ за Вардар, 23-20, а по тајм аутот на Ивица Обрван Загреб погреши, по што следуваше контра-напад кој  Кудуз го валоризираше за конечни 24-20 за Вардар.

Најпрецизен на теренот беше Иван Чупиќ со 8 голови, повеќето од линијата од седум метри. Кај Вардар Кудуз имаше седум погодоци исто колку пеналџијата Дибиров кој постигна и неколку клучни голови во финишот на средбата.

Реваншот меѓу Вардар и ППД Загреб е за два дена во хрватската престолнина, а подобриот од овие два дуела патува на Ф4 завршницата од СЕХА лигата која се игра во Задар на почетокот на септември.