Вардар со победнички марш низ Битола

Ракометарките на Вардар ја запишаа втората победа во новата сезона од Женската лига, откако славеа на гостувањето во Битола кај Пелистер со 29-23.

Отворија гостинките со водство од 5-1 за три минути и дадоа до знаење дека посакуваат полн плен. Имаа и највисоки плус осум гола разлика, 11-3, но како одминуваше времето, така домашните ракометарки се враќаа во игра.

Избраничките на Александра Здравевска, по неколкуте одбрани на Богоевска, успеаја да ја преполоват негативата и да намалат на 11-7. Сепак Вардар на пауза замина со солидна залиха од пет гола, 15-10.

Во второто полувреме вардарки не дозволија никакво изненадување и камбек на битолчанки. Ја одржуваа разликата од пет до седум гола во нивна корист и без проблем го приведоа мечот до крај.

Најдобри стрелци во составот на Александар Царчев беа Сара Миновска со седум гола, како и Ивона Трпевска и Сара Стефановска со по шест погодоци, додека кај Пелистер, Французинката Мари Франсоа постигна седум гола.