Вардар со ново засилување – доаѓа поранешен младински репрезентативец на Србија

Македонскиот претставник во Лигата на Европа, тимот на Вардар, полека го склопува играчкиот мозаик пред стартот на новата сезона, во која ќе има настапи и на домашна и на меѓународна сцена.

Според информациите на 24ракомет, ново име во „црвено-црниот“ состав треба да биде Матија Николиќ, поранешниот младински репрезентативец на Србија. Станува збор за лев бек, кој може да ја покрие и средната бековска позиција.

Николиќ има 22 години и во последните три сезони настапуваше во словенечкиот шампионат каде го носеше дресот на Шкофја Лока. Таму се пресели во сезоната 2020/21, и тогаш на 26 меча даде 75 гола.

Во штотуку завршената сезона на 25 натпревари постигна 80 погодоци. Во татковината настапуваше за Црвена Ѕвезда, пред да се пресели во Словенија, а има настапи за младинската репрезентација на Србија.

Претходно Вардар ги договори левото крило Марко Срдановиќ, како и бековите Стефан Петриќ, Нилтон Мело, Ансер Родригез и Koсуке Јашухира. Од клубот заминаа Куни Гонзалез, Јан Чувара и Филип Талески.