Вардар се „извади“ за поразите од битолчани, славеше над Металург!

Ракометарите на Вардар се „извадија“ за двата порази по ред од Еурофарм Пелистер и прославија победа над големиот ривал Металург со 25-20.

Како и на претходните дуели, вардарци имаа лош почеток и сега, па Металург водеше со 1-5 по десетина минути игра. Алушовски мораше да бара тајм-аут, а неговите избраници заиграа подобро.

По 4-6 за Металург, Вардар направи серија од четири погодоци преку Стоилов, Дибиров, Карапалевски и Чупиќ за 8-6. Гостинот од Автокоманда сепак со реми замина на пауза, 8-8, откако погодија Шилегов и Поповиќ.

Беше 9-9, пред вардарци да ја направат клучната серија на мечот и поведоа со 16-12, а таа предност беше лесно одржана до самиот крај за конечни 25-20. Најдобри стрелци кај Вардар беа Гаџа со пет и Чупиќ со четири голови, а кај Металург се истакна Тарабокија со пет погодоци.

Од голманите кај вардарци, Кантегрел имаше пет интервенции, а Кизиќ шест, додека кај Металург, Дупјачанец имаше пет одбрани, а Ѓорѓески запиша четири интервенции меѓу кои и два од удари од седум метри.

Вардарци на 29 август ги чека реванш четвртфиналниот натпревар против хрватскиот Нексе Нашице од регионалната СЕХА лига, додека Металург истиот ден игра со Спачва во првото квалификациско коло од Лигата на Европа.