Вардар сепак нема да игра до крајот на годинава – повторно е одложен дуелот со ПИК Сегед!

Се уште актуелниот европски првак Вардар, нема да игра натпревари од Лигата на шампионите до крајот на оваа година. Вардарци требаше да играат со унгарскиот ПИК Сегед на 22 декември на гостински терен, натпревар што беше одложен од третото коло во елитното натпреварување.

Поради ситуацијата со коронавирусот во „црвено-црниот“ тим и некомплетниот ростер, македонскиот тим побара од ЕХФ ново одложување на средбата со унгарскиот тим.

Голем дел од ракометарите го прележаа коронавирусот, но не се во тренажен процес, па вардарци ќе требаше да одат практично од карантин на натпревар.

Сепак тоа нема да се случи и веројатно овој дел од сезоната е завршен за Вардар. Во февруари и март ќе остане да се одиграат петте заостанати средби од ЛШ, а дополнително календарот ќе биде згуснат и со средбите од СЕХА лигата.