Вардар прими само седум гола во вториот дел и ја сруши Војводина во Нови Сад

По поразот од Нексе, ракометарите на Вардар ја забележаа првата победа во регионалната СЕХА лига, откако славеа на гостувањето кај српскиот шампион Војводина во Нови Сад со 16-26.

По почетните 3-3, Моралес и на два пати Чувара донесоа плус три за Вардар, 3-6, имаа избраниците на Дејвис и четири позитива, 6-10, па 7-11, но со грешките во финишот на полувреме им дозволија на домашните да се вратат во игра.

Во последните пет минути од првото полувреме вардарци не погодоија ниту еднаш, а Војводина реализираше преку Николиќ и Миленковиќ, па негативата беше преполовена, 9-11.

Талески зголеми на стартот на вториот дел, 9-12, а иако не играше на посакуваното ниво Вардар за кратко време стигна и до највисоки плус шест 10-16 по десетина минути игра и беше јасно во каков правец ќе се движи натпреварот.

Гогов одбрани два пенали во продолжи, немотивираниот домаќин се предаде прерано, а вардарци го полнеа голот на Бедуи без поголеми проблеми. По 11-16, тргна серија на македонскиот првак од шест гола за 11-22 и до крајот само се броеја головите.

Најдобри стрелци кај Вардар беа Тимур Дибиров со седум гола, како и браќата Кевин и Оливие Њокас кои стрелаа по четири пати. Голманите Томовски и Гогов собраа седум интервенции. Кај Војводина се истакна Јовица Николиќ со пет гола.

Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај Прилеп во рамките на 19 коло од Суперлигата, додека викендов ги очекува и двобојот против Еурофарм Пелистер 2, како последна проверка пред средбата со Монпелје од Лигата на шампионите.