Вардар од втор шешир ќе ја чека ждрепката за групите во Лигата на шампионите (ФОТО)

Откако вчера гии објави екипите што ќе бидат дел од новата сезона во Лигата на шампоните, денеска Европската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката.

Иако учеството на Вардар е под знак прашалник, сепак македонскиот шампион ќе биде дел од ждрепката и се наоѓа во вториот шешир.

За разлика од минатите сезони, кога имаше осум шешири по две екипи, сега има четири по четири. Во вториот шешир заедно со Вардар се Алборг, Келце и Порто, а „црвено-црните“ ќе имаат за ривал еден од овие три тима.

Во првиот шешир се Барса, Кил, ПИК Сегед и ПСЖ, во третиот се најдоа Мешков Брест, Фленсбург, Веспрем и Монпелје, додека во четвртиот шешир Мотор Запорожје, Динамо Букурешт, Загреб и Елверум.

Од секој шешир, Вардар ќе добие по два ривали. Останува да важи правилото дека две екипи од иста земја не можат да играат во иста група. Тоа значи дека македонскиот првак со сигурност ќе игра против еден германски (Кил или Фленсбург), еден француски (ПСЖ или Монпелје) и еден унгарски тим (ПИК Сегед или Веспрем).

Ждрепката ќе се одржи на 2 јули во Виена од 11:00 часот.