Вардар носи среден бек – потпиша црногорски репрезентативец!

По Стефан Атанасовски и Милан Лазаревски, македонскиот шампион Вардар го ангажираше и трето засилување пред стартот на новата сезона. Станува збор за кадетскиот репрезентативец на Црна Гора, Андреј Добрковиќ, син на поранешниот вардарец Марко Добрковиќ, кој го носеше „црвено-црниот“ дрес во сезоната 2005/06.

Андреј Добрковиќ кој игра на позиција на среден бек доаѓа од тимот на Целје од Словенија. Во моментов тој се подготвува со репрезентацијата на Црна Гора за настап на кадетското ЕП што од 4 до 14 август ќе се одржи во Подгорица. Потоа ќе му се приклучи на Вардар на подготвките за новата сезона.

Добрковиќ ќе биде соиграч на Мартин Карапалевски на позицијата среден бек, а на крајот на годината нив ќе им се приклучи и Анте Гаџа кој почна да тренира по операцијата на лигаментите на коленото. Младиот Андреј важи за еден од најталентираните играчи во неговата генерација во Црна Гора. Од 14 години настапува во Целје каде е дел од нивната Академија која е прогласена за најдобра во Европа.

Со екипата има освојувани многу турнири и беше вицепрвак на Словенија во кадетска конкуренција и шампион во младинска конкуренција. Сите четири години беше најдобар стрелец на екипата, а беше и најдобар стрелец на лигата. Со репрезентацијата на Црна Гора настапуваше на кадетските Медитерански игри во Турција каде беше најдобар стрелец и асистент на својот тим и неколкупати прогласуван за играч на натпревар.

Доаѓањето на Добрковиќ значи дека Стефан Додиќ дефинитивно ќе игра во друг клуб наредната сезона, а во следниот период се очекуваат уште неколку нови ракометари во македонскиот шампион. Вардарци ќе бидат активни на домашна сцена во Суперлигата и Купот на Македонија, како и на меѓународна сцена во регионалната СЕХА лига.