Вардар нема да патува во Париз и Порто – пријави пет заразени ракометари!

Коронавирусот повторно прави проблеми во европскиот шампион Вардар. Откако претходните два пати екипата мина полесно, без изолација, сега нема да биде така. По тестирањата на Ковид-19 направени по враќањето од Келце, утврдени се пет позитивни случаи кај ракометарите.

Клубот веднаш ги извести тимот на Келце и Европската ракометна федерација, па многу веројатно ќе биде откажано врзаното гостувањето во Париз и Порто, каде вардарци требаше да ги одиграат двете средби против ПСЖ и португалскиот првак.

Тренинзите на тимот се прекинати и веројатно тимот ќе оди во десетдневна изолација. Во изминатиот период во Вардар беа позитивни четворица ракометари и уште двајца членови на стручниот штаб, кои го победија коронавирусот без никакви проблеми.

До крајот на годината, за Вардар остануваа пресметките со ПСЖ и Порто на гости, како и домашниот натпревар против францускиот тим, но сега сите тие се под знак прашалник. „Црвено-црните“ досега во ЛШ одиграа пет меча, загубија на три, еднаш победија и еднаш ремизираа.