Вардар Неготино не дозволи изненадување против Металург РА

Ракометарите на Вардар Неготино ја забележаа третата победа во плеј-офот од Првата лига откако во 11. коло на домашен терен славеа над екипата на Металург РА со 30:22.

Гостите само на почетокот на мечот имаа предност кога отворија со 0:1, а потоа постојано беа во негатива. Вардар Неготино целосно го контролираше резултатот и играта и стигна до заслужена победа.

Уште по првите 30 минути домаќините ја најавија победата кога имаа предност од 14:10. На почетокот на второто полувреме Металург РА се доближи на минус еден но немаше сили за пресврт. Тимот од Неготино брзо се врати на сигурна предност и до крај стигна до убедлива победа.

Најефикасен во победничкиот тим беше Драган Кузманов со седум гола, а по шест постигнаа Ристовски и Пеовски. Во составот на Металург РА прв стрелец беше Филип Петровски со седум погодоци, а Прцуловски постигна шест гола.