Вардар Неготино го намачи Радовиш

Екипите на Радовиш и Вардар Неготино одиграа втор пријателски натпревар во три дена, а по убедливиот триумф на претходниот меч, сега радовишани мораа добро да се испотат и славеа минимално, 28-29.

Суперлигашот на гостувањето во Неготино отвори подобро и водеше во текот на целото прво полувреме, а во еден момент имаше и плус четири, 10-14. На пауза беше 15-17 за избраниците на Љупче Мијалов.

На стартот на вториот дел беше и 15-19, пред да почне серијата на неготинци од шест голови за 21-19 и за комплетен пресврт.

Сепак искусните гости се вратија во егал, во последната минута се влезе со реми, 28-28, пред Радовиш да постигне гол, а неготинци да промашат во последниот напад за конечни 28-29.

Најдобри стрелци кај прволигашот со суперлигашки амбиции беа Кузманов со десет и Пеовски со пет погодоци, додека кај Радовиш се истакнаа Илиев со осум, како и Лојаничиќ и Ристов со по пет голови.