Вардар и Елверум одново ефикасни, на одмор „црвено-црните“ со минус три

Екипите на Елверум и Вардар одиграа уште еднаш ефикасно во првото полувреме, а денеска беа постигнати … гола при што тимот од Норвешка кој денеска е со улогата на домаќин во СЦ „Јане Сандански“ има предност на одмор со 20:17.

Почетокот на средбата наликуваше на првиот дуел одигран во неделата. Ракометарите и на двете екипи влегоа офанзивно и лесно постигнуваа голови. Се доаѓаше до простор за шут, а иако имаше повеќе одбрани за голманите отколку на првиот натпревар, сепак, беа далеку од она што би придонело за помалку погодоци.

Предноста се обезбедуваше тешко, но и секогаш кога ќе се дојдеше до неа доаѓаше до брзо израмнување. Така беше постојано па дури и кога се доаѓаше до плус три.

При 6:5 за Елверум во 9. минута дојде до серија на вардарци од 4:0, а тоа се случи за пет минути игра така што беа обезбедени плус три во 14. минута од средбата. Меѓутоа тука противникот брзо успеа да обезбеди враќање во натпреварот и во 17. минутa веќе се дојде до 10:9.

Тука се влезе во период со игра гол за гол и повторно лесно се доаѓаше до реализација. Сепак, Елверум почна да засилува како средбата одеше кон пауза. Падна процентот на реализација во Вардар, ниту Чупиќ ниту Дибиров не можеа да погодат од седум метри и тоа имаше свое влијание. Неколку минути немаше ниту одбрани, па во 26. минута резултатот беше 18:14 за Елверум.

Се бараше противигра, а иако се создаваа шанси тешко се реализираше. Успеаја намерите да се намали негативата, но во второто полувреме ќе се влезе со негатива од три гола и резултат 17:20.

Дибиров со шест гола е најефикасниот во редовите на Вардар, а три гола има Георгиевски. По два постигнаа Стоилов и Гаџа, додека еднаш прецизни беа Талески, Дисингер, Калараш и Чупиќ. Во Елверум најефикасни се Лангас и Пујол со по четири погодоци.