Вардар запрен на домашен терен, Куманово му го нанесе првиот пораз сезонава

Екипата на Куманово во рамки од 8. коло од Женската лига славеше на гостувањето кај Вардар, со резултат 27:22 (14:11), во натпревар од групата А и ја прекина серијата од седум победи на поранешниот шампион на Македонија.

Првиот меѓусебен дуел сезонава меѓу двете екипи заврши со победа на Вардар од 23:21. На чело на лидерската позиција во групата А останува Вардар со 21 бод, додека Куманово, кој е позициониран на 2. позиција сега на свое конто има 18 бода.

До 20 минута од дуелот, кој се одигра во малата сала во СЦ ,,Јане Сандански” се играше гол за гол и двете екипи наизменично се менуваа во водство. По нерешените 8:8, гостинките од Куманово направија серија од 3:0, се одлепија на 11:8 и до крајот на првото полувреме беа подобриот противник на теренот. Вардар се обидуваше да се врати во игра и да се консолидира, за момент намали на 11:10, но избраничките на Драгана Ристова со подобрата игра во финишот од првиот дел на полувреме заминаа со активен резултат од 14:11.

Вардар во второто полувреме не можеше да следи, му дозволи на противникот да создаде сериозна предност и веќе при резултат од 19:13 во 40 минута, јасно беше дека ,,црвено црните” ќе имаат тешка задача да се вратат во дуелот. Откако Куманово набрзина обезбеди предност од шест гола разлика, се опушти во последниот период и од готово можеше да направи вересија.

При водство од 23:17 на Куманово, домашниот тим постигна три гола во низа за намалување на негативата на 23:20. Ракометарките на Царчев можеа да дојдат до минус два и да го направат натпреварот понеизвесен, но во клучните моменти не можеа да дојдат до реализација. Македонскиот вицепрвак се одлепи на 25:21 и рутински ја одработи задачата во последните минути.

Најефикасни во победничката екипа беа Андреза Алмеида со шест и Наташа Нолевска и Габриела Величковска, кои имаа по пет реализации. Во поразениот табор се истакнаа Ивана Џатевска и Ивона Трпевска со по шест погодоци.