Вардар го сака Карачиќ, ама Келце има предност!

Пред неколку дена 24Ракомет ја најави можноста за камбек на Игор Карачиќ во Вардар по една сезона мината во Келце, иако хрватскиот репрезентативец има уште две години договор со полскиот тим. Сепак работите во Келце, како и во многу други клубови поради коронавирусот, не одат во позитивна насока. Двата главни спонзори на тимот, компаниите ПГЕ Груп и Виве, веќе најавија дека за следната сезона ќе одвојуваат само половина од тие финансии што ги давале во клубот.

Претседателот Бертус Сервас најави дека до средината на мај ги замолил за трпение сите ракометари, по што ќе има повеќе детали за финансиската конструкција на тимот. Карачиќ, заедно со Душебаев и Вулф, се триото најскапи ракометари во Келце, па Сервус можеби свесно ќе „жртвува“ еден од нив за да ги намали трошоците, како што тоа беше случај пред две сезони со Деан Бомбач. Таквата можност беше најавена и од тренерот Талант Душебаев во интервју за клупскиот веб-сајт.

Според информациите од полските медиуми, платата на Карачиќ и на сите други ракометари веројатно ќе им биде намалена на половина за следната сезона, а претседателот Сервас потврди дека има многу работа пред сите во клубот за да ги задржат главните играчи.

„Знам дека Игор ја чека нашата одлука во поглед на иднината на клубот. Сакам да напоменам дека не планираме ниеден играч да си замине од Келце, не сакаме да изгубиме некој, но имаме уште многу работа пред себе, за да ги задржиме сите играчи во клубот. Сите детали ќе бидат познати за две или три седмици“, вели Сервас.

Според пишувањата на „Келце Виборча“, Карачиќ не се согласил на намалувањето на платите поради коронавирусот, и неговото заминување е многу веројатно. Полјаците пишуваат дека ако добие доволно привлечна понуда од некој клуб, па и од Вардар, би си заминал од Келце.