Вардар го комлетираше тимот – потпишан и среден бек

Екипата на Вардар ангажираше уште еден нов ракометар, кој игра на позицијата среден бек и со тоа го затвори списокот на играчи за следната сезона. Веќе е познат тимот со кој ќе се настапува во Лигата на шампионите, а последниот играч е интернационалец од Хрватска, кој и минатата сезона играше во Македонија.

Средниот бек од Хрватска, кој во минатата сезона ги бранеше боите на екипата на Еурофарм Пелистер, Ловро Јотиќ се премисли и нема да ја напушти Македонија. Сепак, ќе се помести малку северно и се сели во СЦ „Јане Сандански“ во редовите на Вардар.

Интернационалецот од Хрватска реши после завршувањето на оваа сезона да се пресели во Португалија и да го облече дресот на Бенфика. Сепак, во Бенфика веќе почнаа да размислуваат како да штедат и се ослободи од неколку скапо платени ѕвезди.

Оттаму веќе некое време беа сè погласни информациите дека тој ќе остане во Македонија односно ќе се врати назад, но ќе игра во редовите на Вардар. Со ова практично „црвено-црните“ го решаваат прашањето на играчкиот кадар бидејќи веќе е затворен списокот со ангажирање на уште еден среден бек.

Јотиќ е играч, кој тренерот Стевче Алушовски го познава одлично бидејќи соработуваа заедно на почетокот на минатата сезона во редовите на Еурофарм Пелистер. Алушовски добро знае колку Јотиќ може и сигурно ќе биде добро засилување за вардарци кои ќе се обидат да го задржат нивото на игра и квалитет во сите натпреварувања.