Вардар ги зема браќата Њокас

Екипата на Вардар доби уште две засилувања пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите откако денеска ги потпиша браќањата Оливие и Кевин Њокас од Франција. Ракометарите кои беа планирани за да играат за тимот на Металург се селат кај „црвено-црните“ и ја зголемуваат конкуренцијата во бековската линија.

Од страна на Вардар веќе се поднесени барања за сертификати, а сите други формалности околу нивното приклучување во Вардар се средени. Веќе се уплатени потребните средства и за late entry трансферите, па останува уште финализација и претставувањето на двајцата ракометари кои не би требало да имаат никаков проблем за да можат да дебитираат уште на стартот од Лигата на шампионите.

Покрај во Лигата на шампионите тие без проблеми ќе можат да играат и во домашното првенство бидејќи станува збор за ракометари кои имаат над потребниот број на настапи за репрезентацијата на Франција, која е актуелен олимписки првак.

Со нивното ангажирање, Вујовиќ добива уште поголема конкуренција во бековската линија така што добива и на квалитет и на искуство и на лев и на десен бек. Оливие Њокас ќе биде конкуренција со Талески и Кудуз, додека Кевин Њокас за место ќе се бори со Гурбиндо и Моралес.

Близнаците Њокас дојдоа уште на стартот од подготовките во Металург, но уште тогаш можеше да се забележи дека не се најзадоволни од трансферот во Автокоманда. Одиграа натпревар против Вардар, а потоа имаа проблеми со Ковид 19. На струшкиот турнир не можеа да играат поради позитивни тестови, а не беа во екипата на турнирот во Атина.

Дека нема да играат за Металург сезонава стануваше сè појасно како одминуваше времето, а доаѓањето во Вардар дефинитивно одекнува како трансфер бомба пред стартот на сезоната бидејќи се работи за играчи кои доаѓаат од Франција, но и за играчи кои зад себе имаат репрезентативно искуство, но и искуство од настапи во Лигата на шампионите.