Вардарци заминаа за Хрватска, двајца останаа во Скопје

Ракометарите на Вардар денеска после утринскиот тренинг се упатија кон Загреб кој е попатна дестинација на патот кон Задар каде тимот ќе го има своето деветто учество на Ф4 турнирите во СЕХА лигата.

Тренерот Стевче Алушовски ќе има можност да го предводи тимот на овие дуели на кои ќе биде направен обид да се освои нова круна. Екипата не е комплетна и ќе недостигаат двајца ракометари од оние кои ги има на располагање сезонава, но јасно е дека ќе може да се даде максимумот на терен.

Во Скопје остана капитенот Стојанче Стоилов, кој поради позитивен тест на коронавирусот не беше во комбинација ниту за натпреварот против Нексе во саботата. Покрај него за Хрватска не отпатува ниту Мартин Карапалевски.

Другите играчи кои Вардар ги има во ростерот за новата сезона се дел од тимот и ќе бидат на располагање за двата дуели кои ќе бидат одиграни в петок и в недела.