Вардарки продолжуваа победнички, сигурни и против Спартак

Ракометрките на Вардар дојдоа до нова победа во првенството oткако беа подобри од тимот на Спартак како гостинки со 33:27.

Имаа тешка средба во која Спартак се покажа во добро издание на стартот. Спартак поведе со 2:0, а потоа и со 5:2, но овие три гола позитива како да беа сè што можеа да сторат домашните ракометарки. Следуваше серија од 3:0 за Вардар и силите беа израмнети.

После нерешениот резултат се влезе во неколку минути изранета битка, а потоа следуваше засилен финиш на првиот дел на гостинскиот состав за предност од 18:12 на полувремето.

Овие шест гола разлика во вториот дел од средбата беа главно присутни. Спартак намалуваше до четири разлика, но потоа Вардар одново се враќаше на шест и немаше поголеми проблеми за да се остане во сигурна предност за победа.

До крајот останаа шест гола за конечни 33:27 со што Вардар продолжи со добрите резултати во новата сезона.

Денеска свој ден имаше Бојана Диневска, која одигра одлична средба. Таа со девет гола беше убедливо најефикасна додека зад неа со шест гола беше Ивона Трпевска, а со пет Марија Галевска. Во редовите на Спартак шест гола имаше Мартина Стефановска, а пет Симона Василевска. Четири погодоци имаше Ана Марија Коларовска.