Вардарки за десет минути го „решија“ Скопје

Екипата на Вардар, која го држи лидерското место во групата А од Женската лига, денес предводен од Стефановска, Диневска, Попова и Трпевска, оствари сигурна победа против составот на Скопје, со резултат 34:22 (14:11) во натпревар од 5. коло. Избраничките на Валентина Радуловиќ дадоа отпор само во првите десетина минути, но лошата игра во понатамошниот дел, посебно во второто полувреме беше причина за убедливиот пораз.

Ракометарките на Вардар до средината на првиот дел не можеа да го скршат отпорот на гостинот. Резултатот во првите петнаесетина минути на двапати беше нерешен, но Скопје никако не можеше да влезе во ритам и најчесто заостануваше на два до три гола негатива.

Домашниот состав при резултат од 6:5 направи серија од 2:0 и за првпат поведе со три гола разлика, 8:5. Тука беше скршен отпорот на гостинот, кој до крајот на првиот дел влезе во криза и не можеше да се носи со разиграниот Вардар.

Овие три гола разлика на „црвено-црните“ беа доволни за рутински да ја одржуваат стекнатата предност и веќе во последните десет минути од првиот дел Вардар целосно доминираше на теренот, па така водството се зголеми и на четири гола разлика, а на полувреме резултатот гласеше 14:11 во корист на домаќинот.

Во второто полувреме Скопје ниту можеше да ја преполови негативата, ниту да се избори за пристоен пораз. Вардар секоја грешка на противникот ја казнуваше со погодок и од минута во минута ја зголемуваше својата предност. Составот на Царчев на самиот почеток на вторите 30 минути направи серија од 5:0 и се одлепи на 19:11.

Бидејќи победата на Вардар не беше доведена во прашање, во последниот период се измешаа поставите на терен и шанса добија останатите ракометарки од клубата на двата табора.

Најефикасни во победничката екипа беа Сара Стефановска и Ивона Трпевска со шест гола, додека Нина Попова и Бојана Диневска имаа по пет реализации. Кај поразениот табор се истакна Нина Неделковска со пет гола.