Валур Сигурдсон: Чувствувам дека можам да играм уште три или четири години

Ветеранот во светскиот ракомет, кој е капитен на Исланд и ракометар на ПСЖ, Гудјон Валур Сигурдсон требаше да го напушти клубот на крајот на сезонава бидејќи му завршува договорот, но поради корона вирусот тоа се случи порано.

Сепак, најпознатиот ракометар од Исланд кој во август полни 41 година размислува дали да продолжи со кариерата и активно играње ракомет. Откако во Франција беше прекината сезоната и неговите настапи за ПСЖ завршија тој се збогува со титула од француското првенство. Сигурдсон имаше интересен одговор на прашањето дали планира да се пензионира.

„Не размислувам многу за тоа, само шеснаесет часа на ден. Има неколку работи кои треба да се разгледаат и нема да кажам дека ќе продлжам засега. Сè уште се чувствувам прилично добро, особено по нешто повеќе од еден месец одмор, се чувствувам како да можам да играм уште 3-4 години. Но, дали има смисла и можам да го правам тоа на исто ниво како што сум играл досега, е прашање на кое не можам да одговорам“, рече Сигурдсон.

Сигурдсон е сигурно најуспешен ракометар од Исланд, уште од 1999 година настапува за репрезентацијата, а има играно и за најдобрите клубови во Европа како што се Гумерсбах, Рајн Некар, Кил, Барселона и ПСЖ.