Бутел Скопје го надигра Охрид и во Купот, си обезбеди Ф4

Екипата на Бутел Скопје е вториот учесник на Ф4 турнирот во Купот на Македонија откако денеска го совлада Охрид со 22:19 во финалниот меч од Групата Г. Со ова Охрид вторпат загуби во краток период на гостување кај Бутел Скопје бидејќи беше поразен и во плеј-офот од Супер машката лига.

Домашните влегоа одлично во средбата и од стартот наметнаа игра која ги водеше кон позитивен епилог. Почетните 3:0 беа гаранција за добро продолжение од средбата во кое тимот на Бутел Скопје имаше редовно 3-4 гола позитива. Охриѓани успеаја да се стабилизираат и да израмнат на 6:6 во 17. минута.

Иако дојдоа до резултат кој ги врати во игра, сепак, гостите не успеаја да продолжат во ритам гол за гол, па до крајот на првиот дел домашниот состав успеа да дојде до плус два и на одмор да замине со 10:8.

Почетокот на вториот дел од средбата најави победа за екипата на Бутел Скопје и се виде дека гостите од Охрид тешко ќе можат да го следат овој ритам така што рано останаа без можност да парираат. Бутел имаше поцврста одбрана и ракометари кои делуваа порасположено за игра на теренот што овозможи да се влезе во завршницта со плус четири, 18:14.

Овие четири гола се одржуваа благодарение и на грешките кои ги направија гостите иако се доближија на два гола на минута  и пол до крај, 21:19. Сепак, на крајот беше 22:19 така што до крајот на средбата тимот на Бутел Скопје само ја потврди победата и пласманот на Ф4 турнирот.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ОХРИД              22:19 (10:8)

Сала: „Антон Димитров“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески од Скопје. Делегат: Зоран Кимовски од Скопје.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски, Блажески, Младеновски 4, Стојановски, Ѓеорѓиевски, Митев, Омерагиќ, Спасовски 1, Мојсоски, Спасовски 3, Милошески, Печенковски 3, Трифковиќ 1, Јевтиќ 5, Василевски, Мајиќ 5.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.

ОХРИД: Брауновиќ, Даниловски, Андоноски, Ивановски, Кривокапиќ 3, Блажески 8, Костов, Чагаљ, Николов 1, Иваноски, Соколов, Младеновиќ 1, Тасески 2, Манасков 1, Ристески 1, Тот 2

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 4 мин.