Булатовиќ се врати во редовите на Будуќност

Легендарната ракометарка на Црна Гора, Катарина Булатовиќ одлучи да се врати во редовите на некогашниот европски првак Будуќност.

Некогаш една од најдобрите ракометарки во светот, беше назначена за нов спортски директор на Будуќност, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите во два наврати, сезона 2011/12 и сезона 2014/15.

Со поставувањето на Булатовиќ како спортски директор, екипата на Будуќност организациски се подготвува за следната сезона, во која амбициите на клубот ќе бидат на повисоко ниво.

Будуќност за следната сезона ги ангажираше двете репрезентативки на Турција, Бејза Карачам и Неслихан Чалискан, како и ракометарката на ЧСМ Букурешт и репрезентативка на Франција, Калиадату Ниакате.

Булатовиќ, која ја заврши својата играчка кариера во јули 2020 година, три пати го носеше дресот на Будуќности, од 2008 до 2012 година, од 2014 до 2017 година и во сезоната 2018/19. Во својата играчка кариера освои четири трофеи на Лигата на шампионите.

Искусната ракометарка настапуваше и за екипите на Шлагелсе, Ростов Дон и Ѓер, клуб каде што ја заврши својата блескава кариера. Со репрезентацијата на Црна Гора го освои златниот медал на Европското првенство во Србија, како и сребрениот медал на Олимписките игри во Лондон (2012).