Будуќност нема да има скапоплатени ѕвезди, продолжува со млади ракометарки

Екипата на Будуќност реши за следната сезона да ги продолжи договорите со три ракометарки и да ја врати голманката Бабовиќ во своите редови. Николина Вукчевиќ, Ивона Павичевиќ и Армел Антигре ги продолжија договорите со клубот од Подгорица на уште една сезона.

Раководството на клубот се реши на ваков чекор поради добрите настапи на двете млади репрезентативки на Црна Гора во дресот на Будуќност, но и во сениорската репрезентација. Со заминувањето на голманката Барбара Аренхарт во Крим, прв избор меѓу стативите за следната сезона ќе биде Армел Антигре.

Голманскиот тандем ќе биде формиран со доаѓањето на талентираната голманка, Анастасија Бабовиќ. Младата голманка во Будуќност ќе пристигне од Дунајварош каде оваа сезона беше на позајмица во унгарскиот клуб со цел да добие поголема минутажа.

Црногорскиот великан ќе има намален буџет за следната сезона и во ростерот на Бојана Поповиќ ќе има домашни и млади ракометарки, а се ослободува од скапо платените ѕвезди и интернационалките.

Андреа Лекиќ, Ема Рамусовиќ, Барбара Аренхарт, Алисон Пино нема да бидат дел од црногорскиот шампион следната сезона, а исто така и Марина Рајчиќ, Мајда Мехмедовиќ, Милена Раичевиќ и Јованка Радичевиќ треба наскоро да бидат промовирани во турскиот Кастамону.