Брејк за ПСЖ во Германија: Ландин одличен, но недоволен-„зебрите“ во минус

Вундерино Арена беше сведок на уште еден легендарен четврфинален дуел од Лигата на шампионите. Кил ги разочара своите фанови и дозволи брејк на францускиот гигант ПСЖ во натпреварот на титаните. Зебрите загубија со резултат 27-31 (8-9) и на реваншот во Париз ќе одат со негатива од четири голови.

Натпреварот помина во изедначена и интересна игра, во која голманите го диктираа темпото и резултатот на семафорот. Домаќинот Кил добро го отвори овој дуел со два гола во низа, но гостите од ПСЖ бргу возвратија по што следуваше период на изендачена игра, цврсти одбрани, грешки во нападите и резултатска неизвесност. Кил имаше моментум на воведот од овој дуел, но ПСЖ бргу ја презема иницијативата и минималната предност. Дури во 24. минута ПСЖ успеа да создаде два гола предност, но ниту тоа не беше гаранција за сигурна завршница. Разлика по триесет минути се задржа на еден гол во корист на гостите од ПСЖ 12-13.

Францускиот репрезентативец во редовите на ПСЖ, Пранди по паузата го отвори резултатот и изнуди исклучување за Винчек во противничкиот табор, а играч помалку на теренот значеше гол повеќе на семафорот, па Соле го одведе ПСЖ на „плус три“ 12-15. Соле изнуди и уште едно исклучување во домашниот состав, овојпат на Магнус Ландин. Во минутите на нерамноправна игра на теренот, ракометарите на Кил безуспешно се обидуваа преку индивидуални пробиви да постигнат гол, но го имаа расположениот Ландин кој ги одржуваше во игра.

Одличниот дански голман во домашниот состав им даде крила на ракометарите на Кил, кои го искористија средишниот период на второто полувреме за комплетно да се вратат во игра. Во 45.минута по одличнатата интервенција на Ландин, Данке од речиси цел терен постигна гол за израмнување на резултатот на 19-19.

Токму тајм-аутот кој го побара Раул Гонзалес беше вовед за ефикасна, атрактивна и изедначена завршница на овој дуел. ПСЖ имаше минимална предност, но Кил одржуваше чекор со францускиот првак.

Сепак во 50. минута ПСЖ влезе со највисоката предност на натпреварот од 23-26, солидниот дански голман меѓу стативите на ПСЖ го врати гостинскиот тим на „плус три“. А Пранди во финишот во 54.минута ги постави првите плус четири за гостите од Париз при резултат 23-27.

Разликата се одржуваше до самиот крај, и покрај третото исклучување на Кристопанс во 55. минута. По шеесет одиграни минути со голот на Жибелан ПСЖ стави точка на првиот четвртфинален дуел за конечни 27-31.

Во победничкиот состав Криштопанс, Пранди и Соле постигнаа по 6 погодока, а Сипжак запиша 5 погодоци зад своето име. Сагосен постигна 9 голови за Кил, а Раинкинд го следеше со 5.

За седум дена на 17 мај ќе се одигра возвратниот дуел во Париз, таму ќе го добиеме патникот на Ф4 турнирот во Келн.