Брестовац остана без еден бек за дуелите со Финска и Швајцарија

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Данило Брестовац нема да може да смета на еден од повиканите бекови за дуелите со Финска и Швајцарија во рамките од квалификациите за ЕП 2022. Младиот репрезентативец кој веќе има десетина средби за сениорската репрезентација и беше и дел од последното ЕП 2020 во Австрија, сега двапати имал позитивен тест и ќе мора да „отседи“ десетина денови во изолација додека не помине вирусот и не добие чист тест.

Бекот кој игра на позицијата огранизатор на играта, па и на левата страна нема симптоми, а ниту неговите најблиски клупски колеги немаат симптоми ниту се позитивни. Сите ракометари што доаѓаат на подготовките за овие две средби веднаш се тестираат и дури откако ќе добијат резултат можат да продолжат со тренирање и комуникација со другите играчи.

Од утре треба да почнат подготовките на репрезентацијата и да се докомплетира тимот на кој смета Брестовац. Се очекува да пристигнат и „странците“ и оние што ќе добијат дозвола од клубовите тука во Македонија. Ќе има веројатно само 2 комплетни тренинзи на тимот пред дуелот со Финска во среда во СЦ „Борис Трајковски“.

Првите проблеми со кои се соочи Брестовац се позитивните во стручниот штаб, па на местото на Матлиевски и Царчев, од утре доаѓаат Радослав Стојановиќ и Ице Соколески. Иако сега се повикани 19 ракометари, во зависност од потребите можно е дури и некој нов домашен играч да се приклучи ако треба.

Македонија во квалификациите за ЕП2022 во Словачка и Унгарија, се наоѓа во група од четири репрезентациии, каде покрај нас се уште и Финска, Швајцарија и Данска. Првите две одат директно на ЕП, а шанса има дури и третопласираната.

Од 2012 година нашите сениори постојано се дел од ЕП. Во тој спортски континуитет на настапи на ЕП и СП низата ја прекинавме сега со необезбедувањето место на СП во Египет 2021 година. Но, тие места беа доделени административно од страна на ИХФ, а ние во баражот требаше да играме со Франција.