Брестовац нема да почне со сите на број – двајца ракометари ќе доцнат на првиот собир

Машката сениорска репрезентација на Македонија ќе ги започне подготовките за настап на Европското првенство на 20 декември во Скопје. За тој собир селекторот Данило Брестовац повика 19 ракометари, од кои 18 ќе бидат во конкуренција за настап на континенталниот собир.

Од 19-те ракометари, до тој ден 17 ќе ги имаат завршено клупските обврски, додека двајца од нив што играат во Шпанија, Костадин Петров и Дарко Димитриевски, ќе задоцнат и нема воопшто да тренираат со другите во македонската метропола.

Тие имаат меѓусебен натпревар во Купот на Шпанија, со Синфин Сантандер и Гвадалахара закажан за 21 декември, а поради лошите конекции со Македонија, ќе допатуваат на 23 декември. Утредента на 24 декември, националниот тим заминува за Србија, каде што во Стара Пазова ќе игра два дуели со Кувајт, па двајцата велешани ќе се приклучат на репрезентацијата пред заминување кај северниот сосед.

Оттаму, националниот тим ќе патува за Романија, каде ќе настапи на „Торфеј Карпати“ заедно со Алжир, Романија и Холандија. Следува празнична пауза, пред на 2 јануари да биде соопштен конечниот список и патниците на ЕП. Тие што ќе бидат на тој список ќе бидат на подготовките во Словенија од 2 до 8 јануари и ќе ги играат тест мечевите со Словенија и Црна Гора.

За Австрија се оди на 8 јануари, па репрезентативците ќе имаат два дена за аклиматизација пред првиот натпревар на ЕП против Украина. Во групата Б, покрај Украина, наши ривали ќе бидат и Чешка и домаќинот Австрија.