Брестовац: И на Данска не и се даваме!

Машката сениорска репрезентација ги доби противниците во квалификациите за место на Европското првенство во 2022 година во Словачка и Унгарија.

Избраниците на Данило Брестовац ќе се сретнат со селекциите на Данска, Швајцарија и Финска.

Селекторот смета дека групата може да ја поминеме и да обезбедиме ново учество на европските шампионати.

„Коректна група добивме во квалификациите за ЕП. Не е ни лесна, не е ни најтешка. Група што може да ја поминеме. На гостувањето во Швајцарија очекуваме да играме како дома, бидејќи имаме многу наши навивачи што живеат таму. Не би требало да имаме големи проблеми со Швајцарија дома. Сите знаеме дека Шмид е нивниот главен играч, но кога е во прашање националниот тим, некогаш игра – некогаш не. Данска е фаворит, но ниту нив не им се даваме, посебно на домашен терен. Со Финска исто не би требало да имаме проблеми и тука очекувам да имаме стартна победа“, вели Брестовац за 24Ракомет.

Првиот натпревар нашите сениори ќе го одиграат на 4 или 5 ноември на домашен терен против репрезентацијата на Финска.