Брестовац: И најслабиот натпревар е подобар од најсилниот тренинг

После првата победа на Македонија против Грузија од 25:21, ракометарите можат да се подготвуваат за вториот дуел кој утре се игра од 16 часот. Селекторот Брестовац има моменти од кои може да биде задоволен, но и такви кои ќе треба да ги поправа.

„Промашивме 17 зицери во прво, а осум во второто полувреме. Многу е тешко кога одиме во ротација, а нашиот противник играше со осум играчи. Сакам да победам, не сакам да изгубам. Јас ги разбирам дека на овој натпревар им требаше повеќе минутажа за да влезат во добар ритам. Треба да бидеме реални дека ова се пријателски натпревари и мора да видиме со што располагаме. Овие натпревари ги закажувам поради малата минутажа и мал број на квалитетни натпревари на повеќето ракометари. За да промашиш мора да создадеш шанса и ме радува што создаваме шанси. Оваа постава која што ја заврши средбата играше дисциплинирано  и сите полази ги играа до крај“, вели селекторот Брестовац.

Тој вели дека му треба време за да може да ги анализира средбите и да види што и каде ќе треба да се поправа.

„Подруго ќе биде кога ќе ги изгледам натпреварите и да можам со помошниците да анализираме. Можеби грешам во некоја ротација иако мислам дека се обидов да извадам максимум и на овој и на минатите два. Веќе имам нешто во глава. Мишевски делува добро на преден и не примаме могу голови. Ако продолжи вака да се развива. Можеби добар потег за него што замина од Вардар и во Франција ја доби минутажата која што му е потребна. Се виде дека напредува со големи чекори. Ако продолжи вака може да се најде на список за ЕП. Го пробаме и Кукуловски кој игра во вардар јуниор, а понекогаши во првиот тим. Стандарден е Танкоски, а можам да кажам дека Крстевски е играч кој веќе си заслужува место во оваа постава. Другите се борат, Ќе ни требаат уште натпревари, а комплетна слика можеме да имаме после Трофеј Карпати. Штета што во минатите години не се форсираа вака млади играчи“.

За контролите со Грузија, пак, вели дека секој натпревар е добредојден за да може да се проверат играчите.

„И најслабиот натпревар е подобар од најдобриот тренинг. Оние кои играат во своите клубови се гледа и на терен. Тие ракометари се влезени во натпреварувачки ритам. Имаме две победи и реми неделава. Денеска игравме без Кире, кој знае да направи вишок и да асистира, да шутне. Со него во тимот ќе бидеме далеку посилни. Собирот го закажавме да ги провериме младите играчи. Со Кире е сè во ред. Јагуриновски немаше ниту еден меѓународен натпревар. Велковски се враќа од повреда. Се работи за млади играчи и на нив им треба минутажа. Лазаров постојано е во ритам и затоа немаше потреба и тука да се форсира“, коментираше селекторот на Македонија, Данило Брестовац.

Втората средба ќе биде одиграна утре од 16 часот. Се игра исто така во СЦ „Борис Трајковски“.