Брестовац го скрати списокот – против Финска и Швајцарија без двајца стандардни репрезентативци!

Селекторот на машката ракометна репрезентација, Данило Брестовац, го скрати поширокиот список од 35 ракометари и одбра 19 за првите две пресметки од квалификациите за ЕП против Финска и Швајцарија.

Поради коронавирусот и карантинот, Брестовац нема да смета на дел од играчите од Металург и Пролет, но на списокот се најдоа „црвено-црни“ ракометари што требаше да одат во изолација.

Од досега стандардните, ги нема голманот Борко Ристовски, како и десното крило Гоце Георгиевски.

Собирот на репрезентацијата е закажан за сабота, а официјалниот почеток на подготовките е со утринскиот тренинг в понеделник.

Првиот натпревар против Финска ќе се игра на 4 ноември во Скопје, додека вториот на гости кај Швајцарија ќе биде одигран на 7 ноември во Цуг.

Во квалификациската група 7 е и селекцијата на Данска, а пласман на ЕП 2022 обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја од осумте квалификациски групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции во групите.