Брестовац: Во лето е топло за многу мечеви, најдобро за шампион да се организира плејоф со елиминации

Актуелното прашање во моментов што ќе се случува со првенството на Македонија односно како ќе биде одлучено кој ќе биде новиот шампион продолжува да биде и понатаму главно размислување кај тренерите.

Еден од оние што исто така се засегнати во целата ситуација е и селекторот бидејќи тој ќе треба да ја подготвува репрезентацијата за дуелите со Франција од баражот за Светското првенство во Египет.

„Летата кај нас се топли, а знаеме дека салите се затоплуваат брзо и е тешко да се игра. Јуни и јули се месеци во кои не е изводливо да играат натпревари во салите бидејќи брзо се затоплува и тешко е. Во тие месеци ризикуваме да изгубиме некои играчи. Затоа треба да се најде систем со кој сите би биле задоволни. Систем на елиминации може да биде подобра варијанта“, вели Брестовац за 24 Ракомет.

Тој се потсети дека на почетокот на својата кариера бил дел од првиот шампионат на Македонија, кој не се води како официјален бидејќи бил веднаш после распаѓањето на поранешна Југославија.

„Кога се растури поранешна Југославија со оглед на тоа што постоеше можност да бидеме брзо примени во Европската ракометна федерација ние организиравме првенство. Во тој момент немаше друго решение и мораше да се одигра плеј-оф. Вардар и Пелистер тогаш играа во најсилната лига на Југославија, а Тутунски Комбинат беше дел од Втората лига. Овие три екипи заедно со првопласираниот тим од Македонската лига, Југ ги формираа двете полуфинални двојки“.

Брестовац бранеше зa тимот на Вардар со кој и успеал да дојде до титулата, но истата не е заведена бидејќи се работеше за неофицијален шампионат.

„Во едното полуфинале Вардар играше против тимот на Југ, додека во второто беа Тутунски Комбинат и Пелистер. Во финалето Вардар се соочи со Тутунски Комбинат и победи со 2:1 во добиени натпревари. Тоа беше финале кое имаше и неубави сцени бидејќи имаше и тепачка. Сепак, оваа титула на Вардар, кој е првиот шампион на самостојна Македонија  останува како неофицијална бидејќи нè не примија во ЕХФ тогаш, па шампионот не играше во Европа. Од следната сезона првенството почна нормално и оттогаш сме и на меѓународната клупска сцена“, се потсетува Брестовац на деновите од почетокот на македонското првенство.

Дали некој ваков модел би можел да биде применет и сега ќе биде тешко да се каже, но останува да се види прво до кога ќе трае паузата, а дури потоа да се види како ќе може да биде добиен новиот шампион на Македонија.