Бранко Ангеловски не е повеќе тренер на Мулти Есенс

Иако сезоната ја заврши без пораз и со само едно реми во Прва лига, поранешниот македонски репрезентативец Бранко Ангеловски нема да биде тренер на Мулти Есенс од следната сезона. Битолчанецот „експресно“ го внесе клубот во суперлигашкото друштво, но, нема да седи на клупата на тимот од Автокоманда во иднина.

За одлуката за заминување веќе се информирани и играчите, а потврдата стигна откако младинскиот тим на Мулти Есенс не успеа да се пласира на завршниот Ф4 турнир. Тој е речиси истиот тим со кој Мулти Есенс “се прошета“ низ Прва лига, но сега беше запрен од градскиот ривал Пролет. Играчите на Мулти Есен веќе добиле потврда за заминувањето на нивниот тренер.

Претходно тимот одигра реми со Аеродром, единствено сезонава со кое тимот од Аеродром направи тогаш голем чекор кон Супер лигата.

Ангеловски минатата сезона беше дел од стручниот штаб на Алкалоид и со тој клуб обезбеди место во Суперлигата, но доби прекоманда во Мулти Есенс. Во моментов е дел од стручниот штаб на репрезентацијата 2004/2005 на Македонија, а беше и дел од стручниот штаб на сениорскиот тим. Зад себе има и големо интернационално искуство како играч, но и во раководните клупски структури.

Сега сериозно се шпекулира дека друг поранешен репрезентативец на Македонија ќе го завземе местото на Ангеловски во Мулти Есенс, и тоа можеби во друштво на соиграч од “златната генерација“ што претходната деценија ги постигна најголемите репрезентативни успеси на Македонија.

До крајот на сезоната во Прва лига останува уште едно коло, а Мулти Есенс е домаќин на Драчево.