Бразил и Германија со нови победи, веќе обезбедија четврт-финале на СП

Јужноамериканското дерби помеѓу репрезентациите на Бразил и Аргентина на Мундијалот во Шпанија заврши со победа на Бразилките со 24:19. Бразил со остварената победа над Аргентина обезбеди учество во четврт-финалето, а репрезентацијата на Аргентина останува во игра за подобар пласман во четвртата група.

Како што се очекуваше, дербито почна со цврста одбрана на двете страни. Три минути се чекаше за првиот гол на натпреварот, додека Бразил првиот гол го постигна по шест минути игра. По водството на Аргентина од 3:0, следуваше подобра игра на бразилскиот состав, кој почна да фаќа приклучок и со три гола во низа дојде до израмнување, 3:3. Силниот отпор на Аргентина траеше дваесетина минути. Бразил во последните десетина минути од првото полувреме лесно доаѓаше до реализација и со подобро организирана игра стигна до плус три на пауза, 13:10.

Трите гола од првите 30 минути беа доволни за психолошка предност на „кариоките“. Во второто полувреме грешките на Аргентина имаа голема улога на самиот резултат. Бразил секогаш успеваше да има предност од три до четири гола разлика и во ниту еден момент од вториот дел не дозволи камбек на ракометарките од Аргентина.

Репрезентацијата на Германија со победа од 37:28 против Јужна Кореја, го прослави пласманот во четвртфиналето на Светското првенство во Шпанија. Германките рутински ја одработија задачата и не дозволија да има изненадување. Неизвесност имаше само во првото полувреме кое заврши со предност од 19:16 за Германија. Второто полувреме беше чиста формалност во која Јужна Кореја немаше никакви шанси за евентуална сензација.