Босанците со големо засилување пред двобоите со Словенија и Црна Гора

Репрезентацијата на БиХ, која во квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2024 ќе биде предводена од новиот селектор Ирфан Смајлагиќ, доби големо засилување на позицијата десен бек.

Станува збор за искусниот ракометар на Монпелје, Марко Паниќ, кој одлучи да се врати во босанската репрезентација. Членот на поранешниот европски шампион извесен период одбиваше да игра за БиХ поради несогласувања со тогашниот селектор Ивица Обрван.

Откако пред неколку дена беше промовиран Смајлагиќ за нов селектор, десниот бек доби повик и одлучи да направи камбек во репрезентацијата, со цел да им помогне на своите колеги да остварат поволен резултат во квалификациските натпревари против Словенија и Црна Гора.

,,Добив репрезентативен повик и реков дека ќе прифатам да дојдам. Не сум бил во репрезентацијата речиси една година, не знам што да очекувам, но гледам дека се создава позитивна приказна и дека Смајлагиќ сака да го направи ростерот на репрезентацијата, да види кој колку може да почетокот. Тој побара и сериозни услови за нас, за да се чувствуваме како репрезентативци на подготовките, изјави Паниќ за босанскиот весник „Дневни аваз“.

БиХ квалификациите за пласман на ЕП 2024 ќе ги започне на 13 октомври против Словенија, потоа три дена подоцна на свој терен ќе ја пречека Црна Гора. Ракометарите на БиХ освен со Словенија и Црна Гора ќе играат и со репрезентацијата на Косово.

Босанците во првите квалификации за пласман на СП 2023 беа елиминирани од нашиот јужен сосед и утеха ќе бараат во квалификациите за континенталниот собир во Германија.