Босанците најавиja – нивниот најголем талент доаѓа во Битола

Еден од најталентираните ракометари во БиХ, Алем Хаџиќ, во следната сезона ќе настапува во Битола.

Големиот босански талент, кој има само 16 години и кој настапува на бековската линија, ќе биде дел од вториот тим на Еурофарм Пелистер.

Веста за неговиот трансфер во Еурофарм Пелистер 2 беше објавена на официјалната страна на неговиот довчерашен клуб Коњух.

Хаџиќ на свои 14 години за првпат заигра во суперлигашкатаа конкуренција во БиХ, а неговите квалитети од страна на раководството на битолскиот тим беа забележани на турнир во Скопје.

Коњух во текот на месец јуни учествуваше на второто издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“ и од Скопје си замина со сребрен медал. За МВП на турнирот беше избран токму Хаџиќ кој имаше одлични изданија.

Еурофарм Пелистер 2 за новата сезона ги ангажираше десниот бек Стефан Трпчевски, кружниот напаѓач Петар Маркоски и голманот Иван Младенов.

Во екипата се вратија Дејан Југовски и Симон Мирчески. Двајцата ракометари беа на позајмица во Прилеп за поголема минутажа.