Борац и АЕК Атина сакаат да бидат дел од СЕХА лигата!

Поранешниот учесник во СЕХА лигата, екипата од БиХ, Борац Бања Лука повторно сака да биде дел од регионалното натпреварување, а освен босанскиот тим желба за настап во СЕХА лигата има и грчкиот вицепрвак АЕК Атина, кој во новата сезона има високи аспирации за добар пласман на европска сцена, пренесува „Балкан-хендбал“.

Според шпекулациите, форматот за новата сезона во СЕХА лигата би се променил, па така регионалната лига би се состоела од северна и јужна група, а северната група би ја сочинувале по четири екипи од Русија и Белорусија, додека јужната група би ја сочинувале Веспрем, Загреб, Вардар, Еурофарм Пелистер, Нексе Нашице, Татран Прешов и српските суперлигаши Партизан и Војводина.

Неофицијално, во СЕХА лигата може да има место и за грчки АЕК и Борац Бања Лука, во зависност од финансиските распределби на генералниот спонзор, рускиот енергетски гигант Газпром. Борац последен пат во СЕХА лигата учествуваше во сезоната 2015/16 освојувајќи го осмото место во конкуренција на десет екипи, со три победи, два нерешени средби и 13 порази.

Клубот од Бања Лука својот најдобар резултат во СЕХА лигата го постигна во премиерното издание, сезона 2011/12, кога заврши на седмата позиција. АЕК Атина во досегашниот тек на натпреварување во СЕХА лигата нема забележано учество.