Бонфон има нов клуб – тренираше со Монпелје, а сега ќе дебитира против нив!

Французинот Бонфон кој неодамна го раскина договорот со Мешков Брест поради ситуацијата со руските и белоруските клубови кариерата ја продолжува во неговата татковина во дресот на Ним.

29-годишниот ракометар потпиша договор со Ним. Договорот на Бонфон е на четири месеци, а Французинот веќе ја даде и првата изјава по потписот.

„Едвај чекам да се вратам на теренот. Многу сум среќен што пристигнувам во Ним. Сакам добро да ја завршам сезоната и да му помогнам на клубот да ги оствари своите цели“, изјави Бонфон.

Дебито за Ним Бонфон може да го има веќе на 26. март во француската лига против Монпелје. Интересно е што во претходниот период додека беше без клуб Бонфон тренираше токму со тимот на Монплеје, но на крајот не постигна договор тука да продолжи.

Ќе потсетиме, Баптист Бонфон лани беше пред потпис со Вардар, но тогаш место за македонскиот тим Французинот се реши кариерата да ја продолжи во Белорусија во редовите на Мешков.