Блесок на Дупјачанец, Курнон убедлив против вториот тим на ПСЖ

Тимот на Курнон Доверњ, каде што брани Даниел Дупјачанец а тренер е Марјан Колев, забележа убедлива победа во Третата лига на Франција.

Курнон на домашен терен славеше против вториот тим на ПСЖ со седум гола разлика, 30-23, а најголеми заслуги одат за македонскиот голман.

Дупјачанец одбрани 15 удари на гостинските ракометари, а меѓу најдобрите стрелци беше некогашниот член на Еурофарм Пелистер, пикерот Ашраф Адли со четири гола.

Курнон Доверњ на Колев и Дупјачанец се наоѓа на седмото место со биланс од осум победи, едно реми и осум порази со 34 бода, а следен предизвик ќе биде гостувањето кај Вернуј.