Благојче Весиќ е нов тренер на Аеродром

Прволигашот со суперлигашки амбиции Аеродром, во вториот дел од сезоната во Првата лига ќе има нов предводник.

Станува збор за Благојче Весиќ, кој есенва седеше на клупата на Јуниор Кисела Вода. Еден од македонските тренери со Мастер Коуч лиценца го внесе тимот од Кисела Вода во елитното друштво, а сега ќе се обиде да го стори истото и со Аеродром, со кој се договори до крајот на сезоната.

Весиќ доаѓа на местото на Дарко Петровски, претходно работеше во женската екипа Вардар Јуниор, Работнички, Металург, а беше селектор на женската сениорска и на машката кадетска репрезентација на Македонија.

Петровски поради зголемени професионални обврски во иднина ќе се посвети само на претседателската функција во клубот.

„Имам многу обврски и одлучив да се повлечам од тренерската функција. Јас продолжувам со извршувањето на функцијата претседател на клубот. Нов тренер ќе биде Благојче Весиќ со кого успеавме да се договориме за соработка и тој од денеска ја презема оваа позиција во екипата“, вели Петровски за 24Ракомет.

Аеродром на почетокот на сезоната донесе неколку засилувања, и немаше проблеми во прволигашкото друштво без пораз да стигне до плеј-офот, но сега конкуренцијата ќе се зголеми во борбата за бараж за Суперлига.