„Би било ненормално и нереално да имаме уште една шампионска година“

Тренерите на претставниците од Унгарија во женската Лига на шампиони на почетокот на сезоната ги истакнаа своите фаворити и очекувањата за пласман на завршниот турнир. Тренерот на Ѓер, Габор Дани не очекува дека уште една сезона можат да го повторат успехот од претходните сезони кога станаа европски шампиони, но нема ништо против тоа да се случи пак.

„Би било ненормално и нереално да имаме уште една шампионска година. Мислам дека оваа сезона нема да биде така. Од поразите може многу да се научи, но не велам дека едвај чекаме да загубиме, но тоа е еден начин на кој можеме да напредуваме. Мислам дека оваа сезона главни кандидати за Ф4 се Мец, Ростов и Ѓер, а за последното место ќе се борат Брест, ЧСМ Букурешт, Кристиансанд и Ференцварош. Фаворит од сенка е Будуќност чии ракометарки добро се познаваат од репрезентацијата на Црна Гора“, изјави Габор Дани.

Габор Елек, тренерот на вториот претставник од Унгарија Ференцварош ја даде својата прогноза за учесниците на завршниот турнир во Лигата на шампионите за жени.

„Како прв фаворит се издвојува Ѓер, ќе речам дека е главен кандидат дури и за финалето. Ростов е вториот кандидат кој би требало да обезбеди Ф4. ЧСМ Букурешт има голем напредок но и многу повредени играчи. За останатите две места борбата ќе биде многу голема“, рече Елек.

Ѓер сезоната во Лигата на шампионите ја започна со убедлива победа против Савехоф, а Ференцварош беше поразен на гостувањето кај Кристијансанд.