Битолчанки парираа, но бодовите останаа во Автокоманда

Ракометарките на Металург во натпревар од 4. коло од плеј-оф фазата во Женската лига на свој терен го совладаа тимот на Пелистер, со резултат 28:24.

Битолчанки во Автокоманда се покажаа како незгоден ривал во првото полувреме. Избраничките на Котевски имаа свои моменти, водеа во воведниот дел, и никако не му дозволуваа на ривалот да се одлепи на поголема предност.

Максималната предност на Металург во првите 30 минути беше четири гола разлика, 9:5. Домаќинките до оваа предност дојдоа откако по нерешените 5:5 направија серија од 4:0 и до крајот на првото полувреме беа во водство, но без голема комоција во играта.

Пелистер попушти во финишот од полувремето, домаќинките заиграа поангажирано во нападот, ја подобрија одбраната и на полувреме заминаа со предност од плус четири гола разлика, 16:11.

Во продолжението дојде до израз квалитетот на Металург, кој ја сочува предноста од првиот дел. Избраничките на Дамчевска на моменти зголемија на пет гола разлика, но ракометарките од Битола полека се враќаа во игра, во последните пет минути губеа со два гола разлика (26:24) и во клучните моменти не беа доволно фокусирани.

Најефикасна во победничката екипа беше Ива Младеновска со седум погодоци, шест постигна Марија Гугуљанова. Кај Пелистер најефикасна беше Кристина Наумовска со седум погодоци, шест реализации имаше Мари Франсоа, додека пет пати во листата на стрелци се запиша Моника Босилковска.