Битолчани уживаа во градското дерби: Еурофарм Пелистер подобар од „двојката“

Битолчани денес можеа да уживаат во градското дерби меѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2. Победија поискусните, актуелните македонски вицепрваци и единствени македонски претставници на европска сцена, Еурофарм Пелистер со конечен резултат 16-29(17-6).

Помладите ракометари предводени од тренерот Александар Јовиќ одлично го започнаа овој дуел, имаа три голови предност по пет минути игра. Сепак квалитетот и искуството на првата екипа ја направија разликата низ средина на првиот дел. Со низа од 10-0 ја преземаа контролата над играта и резултатот и предноста ја задржаа до самиот крај на првиот дел кој заврши со резултат 17-6 во корист на избраниците на Ларс Валтер.

На почетокот на второто полувреме двете екипи постигнаа по два погодока, по што следуваше период на грешки и промашени обиди на двете страни. Тоа го искористија младите пелистерци и преку два постигнати гола на Андре Буторац и еден на Самоил Ристевски ја намалија негативата на „минус осум“ (11-19) во 40. минута.

По тајм-аутот на Ларс Валтер , разликата продолжи да се намалува па во 44 минута ракометарите од „двојката“ заостануваа шест голови зад македонскиот вицепрвак. Во средината на вториот дел голманот на Еурофарм Пелистер Ристевски имаше неколку успешни интервенции и им овозможи на своите соиграчи да ја вратат високата разлика од крајот на првото полувреме.

Во последните десет минути од натпреварот Еурофарм Пелистер влезе со предност од десет голови, разлика која рутински ја одржуваше и ја зголеми до самиот крај на дуелот за конечни 16-29.

Петар Атанасијевиќ и Костески со 4 голови ја предводеа листата на стрелци кај Еурофарм Пелистер, а го следеа Кузмановски, Хосни, Васиљев и Павле Аанасијевиќ со по 3 голови. Самоил Ристевски и Андре Буторац постигнаа по 4 погодоци за Еурофарм Пелистер 2, додека Митревски трипати се запиша во листата на стрелците.