Беше тренер во Вардар, сега стана селектор на Србија

Поранешниот асистент тренер на Вардар, Урош Брегар се одлучи да ја напушти селекторската функција во женската репрезентација на Словенија и да ја преземе селекцијата на Србија.

По неуспехот да се пласираат на Олимписките игри во Токио, во таборот на српската репрезентација имаше турбуленции помеѓу ракометарките и поранешниот селектор Љубомир Обрадовиќ. Несогласување имаше и помеѓу претседателката на РСС, Милена Делиќ и поранешниот селектор на Србија.

Ракометниот сојуз на Србија има голем респект кон Брегар поради добрата соработка со неколку српски репрезентативки кои настапуваат под негова палка во Крим.

Брегар заминува од репрезентацијата на Словенија пред клучните натпревари од  баражот за обезбедување место на Светското првенство во Шпанија. Ракометарките на Словенија за противник ја имаат репрезентацијата на Исланд. Словенецот моментално е тренер на Крим од Љубљана, а во својата кариера ги предводеше и Вардар и Вац.