Беше на чекор да ја заврши кариерата, а сега сонува Олимпијада со Хрватска

Еден од ракометарите со најмногу повреди во Хрватска, па и Европа е Домагој Павловиќ. Хрватот во десетгодишната кариера имаше четири тешки повреди и беше на чекор да ја заврши кариерата.

Сепак на крајот победи љубовта кон ракометот и огромната истрајност на Павловиќ. Сега тој настапува во Мелсунген и со репрезентацијата на Хрватска сонува да освои олимписки медал.

„Можам да кажам дека добро се држам. Можеби повредите имаа големо влијание врз мојата игра, но се обидувам да го заборавам тоа. Ние спортистите мораме да одиме понатаму без оглед на тоа какви непријатности ќе ни се случат во кариерата. Што и да се случи мора да го надминете тоа“, изјави Павловиќ за хрватската Нова ТВ.

Хрватот раскажа и за неговите почетоци во ракометот иако во детството се обидел во повеќе спортови. Исто така ја истакна и неговата главна цел во наредниот период.

„Тренирав повеќе спортови кога бев мал, мојата ракометна кариера тргна од салата во градот Иваниќ. Дојдов, пробав да играм ракометот и тоа беше тоа. Убаво е да се игра во Германија, луѓето го сакаат спортот и салите се секогаш исполнети. Мојот сон е настап на Олимписките игри и да освојам медал“, заврши Павловиќ.

Пред Хрватот се најдобрите години за игра со оглед на тоа што има 27 години. Веќе наредната година ќе има можност за настап на Олимписките игри во Токио доколку Хрватска обезбеди пласман.