„Бев во заблуда дека некои играчи можат повеќе, ама сега знам кој колку може…“

Ракометарите на Вардар се веќе долго на подготовки, па откако пола лето го минаа во тренинзи и контролни натпревари, почнаа да ја креваат формата, но од 16 септември поради одлагања на дуелите со Елверум и ПИК Сегед се без натпревар.

За следниот дуел ќе треба да се чека до 15 октомври кога во СЦ „Јане Сандански“ треба да гостува екипата на Флензбург.

Стратегот Стевче Алушовски веќе има јасна слика за сите играчи, кој колку и што може да даде.

„После турнирот во Струга имам јасна слика. Тогаш бев во заблуда дека некои играчи можат нешто повеќе. Сега имам слика, кој каде и колку може да даде. Сега немам дилеми и знам со кого и како ќе се справиме со Флензбург. Дали е предност што имаме малку натпревари, искрено не знам. Ние ќе тренираме, ама недостасуваат натпревари. Ни треба натпреварувачка форма. Ние ја подигнавме формата до Мешков, но сега не знаеме до каде сме. Јас како тренер знам кој од играчите колку може, имам јасна слика“, изјави Алушовски.

Следниот меч Вардар треба да го игра во рамките на СЕХА против Мотор Запорожје на 10 октомври.