Барселона во проблеми – Домен Макуц оди на долга пауза?

Екипата на Барселона со победа над Војводина од 39:29 го стартуваше настапот на ТВ турнирот на шампионите во босанскиот град Добој.

Во текот на првото полувреме од дуелот, сериозна повреда заработи големата надеж на каталонскиот гигант Домен Макуц.

По еден судир со противнички ракометар, словенечкиот репрезентативец незгодно падна и откако беше изнесен со помош на неговите соиграчи, јасно беше дека се работи за тешка повреда на левото колено.

Средниот бек веднаш ќе биде вратен во Шпанија и во следните денови ќе му бидат направени дополнителни лекарски прегледи.

По лекарските прегледи, ќе биде познато колкава пауза го очекува младиот ракометар.

Тренерот Карлос Ортега на позицијата среден бек го има на располагање уште Пол Валера.