Барса со победа во Монпелје ја отвори новата шампионска сезона

Шпанскиот првак Барса и еден од најдобрите тимови во светот со победа се враќа од гостувањето во Монпелје во рамките на првото коло од Лигата на шампионите. Францускиот тим мораше да му честита на подобриот противник и го заврши натпреварот со резултат 25-30(11-16).

Барса одлично го отвори натпреварот, но по воведните 2-0 мораше да почека до средината на првиот дел повторно да ја врати контролата над играта и резултатот. Монпелје имаше активен резултат па дури и предност во 11. минута, но точно на средината на првото полувреме Барса ја започна низата од 3-0 која им овозможи покомотна игра и контрола над темпото на овој дуел. Така во последните 5 минути до паузата Барса започна нова серија која на крајот на првите триесет минути изнесуваше „плус пет“ или 16-11.

Во второто полувреме Барса продолжи со својата игра, а иако Мопелје имаше свои шанси и на неколку пати се врати на само „минус два“, искусниот шпански спортски гигант не дозволи изненадување. Низ средината на вториот дел повторно ја изградија високата разлика овојпат од осум разлика, која беше доволна за победа на овој дуел.

Кога беше разбиен отпорот на домаќинот, а грешките се нижеа пред агресивната длабока зона на гостинските ракометари, двете екипи го очекуваа конечниот резултатот на натпреварот, а во игра влегоа и оние ракометари кои ретко ќе ги видиме низ терените на натпреварите од Лигата на шампионите. По шеесет минути на семафорот остана забележан резултатот 25-30, за победничко отворање на новата сезона за Барса.